| ПОМИРУВАЊЕ - "ТАКВО БЕШЕ ВРЕМЕТО" |
|
|
|
| Напишано од Nenad Vukosavljevic | |
|
Зборот помирување често предизвикуваше отпор во мене. Секогаш имав повеќе прашања отколку одговори и аргументи кои би потврдиле дека спремноста на помирување е доблест. Го изедначував помирувањето со безусловноопростување, како што често може да се чуе “ајде се га се помириме, што беше, беше“.
Како и голем број други поими, сметам дека помирувањето е неутрален поим и дека одредувањето на мојот став зависи од контекстот и тековните околности. Што би значело тоа да се помириме, кој со кого, зошто и како? После 10-15 години на сеопшта омраза и повици за одмазда на претходните злосторства, порамнување и релативизирање на кривицата и одговорноста во регионот, после процесот на тивка трансформација на некогашните поттикнувачи на војна кои што камелеонски го следеа секој нов политички ветер, после масовните злосторства и сеопштото одобрување и покасно негирање на истите во внатрешноста на нашите национални трла во коишто нè разместуваа како овци, се зборува за помирување. Не сакам да се помирам со тоа да живеам во општество во кое дури и без загриженост, фрлање на цвеќе под тенкови, навивање во војната која се случува на стотина километри од тука, протерување и убивања на луѓе затоа што носат поинакво име, дополнително се објаснува со “реципроцитет“ или со онаа старата “такви беа времињата“. Не сакам да се помирам ниту со омразата, неправдата и дискриминацијата, да ги затворам очите и да се прилагодам на денешното време во кое единствена преостаната вредност се парите, згодно зачинета со малку квази-религиозност, најмногу преточена во шовинизам. Наместо потребата за сигурност да ја задоволам со стопување со масата еднолични национални поданици, преферирам сигурноста да ја барам во вербата во чесен ненасилен однос кон сите луѓе, да се преиспитувам себе си и своето опкружување, и да се борам за солидарно општество во кое сите луѓе би биле слободни и сигурни, а притоа да не мораат да ја кријат или да се срамат од било која различност која ја имаат. Помирувањето започнува во секој од нас, тоа за мене значи ослободување од омраза и предрасуди, од лаги и срам, а почнува со превземање на одговорноста која ми припаѓа, како за темното минато, така и за сомнителната сегашност и иднина. Оној кој мрази не може да биде слободен и среќен, а исто така и оној кој угнетува или не ја зборува вистината. И никој нема право да бара од жртвите на некое зло да простат, ама никој и нема право да во име на својата жртва повикува на одмазда кон било кој, а особено не кон цели колективи; одговорноста за спротивставување на таквите повици ја носи секој од нас, како би ја запреле спиралата на злото. Како што носиме и одговорност нашето општество да донесе правда за сите жртви, да ја најде вистината и да ги обесштети погодените колку што е тоа можно. Помирувањето ми се чини дека пред се е индивидуален процес, за мене тој значи процес на заздравување, којшто почнува со поединецот и може да се пренесе на општеството, баш како и омразата. Помирувањето може да значи и ослободување од втемелената и предпрограмираната неправда на која ќе наидеме, во своето или во некое друго опкружување. Со цел да стигнеме дотаму, мораме да дадеме одговор на прашањето зошто претходните времиња беа така лоши какви што беа и да разбереме дека дел од одговорноста за тоа е на сите нас, макар колку и да ни е удобно во пасивната позиција на привидна немоќ. Ненад Вукосављевиќ (Центар за ненасилна акција, Белград) |
| < Претходно | Следно > |
|---|
Помирување.. 

